КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ. МАРШ В КРЕВЕТ. Со помош на Миле Попоски. современ водвиљ. МАРШ В КРЕВЕТ. Комедијата "Марш в кревет" е современ водвиљ, кој како во најдобрите традиции на водвиљот (Жорж Фејдо, Реј Куни) за тема ги има односите меѓу брачни парови, нивните љубовни авантури, лагите и проблемите што произлегуваат од тие авантури. Главна личност е Донче, поранешен пејач на новокомпонирани песни, сега пратеник во парламентот, кој на некаква презентација случајно доаѓа до еден лист од љубовно писмо. Од тој лист тргнуваат сите заплети и "заврзлами". Ситуациите се брзи, а прсвртите неочекувани, карактерите на ликовите типизирани, но богати со можности за креација, се користат дијалекти и тоа го зголемува комичниот ефект. Шест машки и четири женски лика, на возраст помеѓу триесет и четириесет години. Два сценографски простора. Костими и музика современи. Лица: ДОНЧЕ (4О) Поранешен пејач на новокомпонирани мелодии, сега пратеник, претседател на неколку комисии и клубови. Чесен. КРИСТИНА Негова жена. Исто така чесна, ама мора да се менува... ВЛАДИ Бивш младински раководител, сега успешен бизнисмен. Швалер. СОФИ Порано Живка, ама името сега некако не оди, негова жена. Швалерка, исто така. ПЕПИ Внатрешен декоратер, жртва на професијата, порано Пецо Молер. ЖИТАН Порано Ајша, ѓупка, вратена од Франција, "Фам де менаж" - чистачка. САШО Јогист, трансцедент, био-енергетичар, смотан љубовник. ДИМО СЕЛАНЧЕТО Неготинче, порано никој и ништо, сега бизнисмен. ТИНЧЕ Негова сестра близначка (ја игра ист артист) ЗОРА Порано згодна женска, сега исто... 1. Сцена (или Пролог) Некакви службени простории, вкусно уредени. Мала писта за модни ревии. Присутни Донче, Кристина, Влади и Софи... неколку манекенки... Пивнуваат... Влади нервозен ... ДОНЧЕ Уште ќе чекаме? ВЛАДИ А што да правиме?! ДОНЧЕ Да не е некој шарлатан?! ВЛАДИ Господин Димитар Ѓорчев?! Шарлатан?! Бизнисмен! ДОНЧЕ Јас стојам зад вас, ама не јавно... немој после оние од опозицијата да ме вадат низ печат! ВЛАДИ Се е легално и со документи... Сега е во Тетово... ДОНЧЕ Во Тетово легално... па таму е најголемиот Шверц... ВЛАДИ Во Тетово, кај Григорие! ДОНЧЕ Оној Григорие? ВЛАДИ Тој Григорие! Има бутици по должината на бившата железна завеса, а покрива и пола Америка. ДОНЧЕ Григорије?! ВЛАДИ Господин Димитрие Ѓорчев... Има брат во Лос Анѓелес... акционер во Полска... ДОНЧЕ Па нека побрза, имам милион работи, плус вечер со Кристина одиме на вечера со најтесното партиско раководство. Славиме годишнина од победата... (Влади дискретно погледнува кон жените, го повлекува Донче на страна) ВЛАДИ Дојди нешто да ти кажам... (Донче збунет... Излегуваат.) СОФИ (Гледа по мажите... па дискретно...) И ти ќе одиш на таа вечера? КРИСТИНА Кој ќе ги слуша, многу се досадни: "Нашата партија... задачите..." СОФИ Ми треба твојот стан! КРИСТИНА (Се засркнува) Молам?! СОФИ Едно два часа. КРИСТИНА Живке?! СОФИ Не викај ме Живке!! Барем не јавно! КРИСТИНА Добро, Софи. Не разбирам?! СОФИ Додека сте на вечера да го искористиме... КРИСТИНА А зошто не го "искористите" твојот стан додека сме ние на вечера. СОФИ Затоа што се работи за Александар, а не за мажот ми! КРИСТИНА Александар?! СОФИ Сашо ма. Леле, да го знаеш. Јогист, трансцеденталист, биоенергетичар, те гледа во очи и веднаш ти кажува хороскоп. КРИСТИНА Извини Софи, ама не можам... Кај мене е лом. Пепи ми е дома... СОФИ Пепи? КРИСТИНА Пецо молерот, сега Пепи внатрешен декоратер. Го преуредуваме станот... Знаеш како е, Донче сега ќе прима амбасадори... разни претседатели... СОФИ ... надржави? КРИСТИНА Не бре, на клубови... а и маж ти, сепак ми е пријател. Не се мешам во вашите односи... но... СОФИ Влади ми бил втор и никогаш досега не сум го изневерила... ама сега е крај!! Доста ми е од сите тие негови секретарки... манекенки, бизнис партнерки, цвеќарки, медицински сестри... КРИСТИНА Зошто не одите во хотел? СОФИ Па да налетам на некого... Ами јас сум од фамилија... КРИСТИНА Не знам... не можам... (Кристина станува... Софи тргнува по неа...) СОФИ Слушај! (Влегуваат мажите... Софи дискретно ја поведува Кристина надвор. Мажите гледаат по двете жени, и тие воделе сличен дијалог...) ДОНЧЕ Зошто не одите во хотел?! ВЛАДИ Ти не си нормален. Само тоа чекаат, па да ме уценат. Не знаеш како ми се настрвиле... Рекетари!! ДОНЧЕ Па изнајми некоја гарсониера... ВЛАДИ И Софи да ме фати жив... Кај тебе е згодно... "Кај беше - кај Донче"... Не лажам! ДОНЧЕ Не може! Кај мене е Житан! ВЛАДИ Кој?! ДОНЧЕ Житан, фам де менаж, Ѓупка, вратена од Франција... Ајше... ВЛАДИ Па откачи ја. Дај и слободен ден. ДОНЧЕ А да прескокнеш малку... да се одмориш? ВЛАДИ И да се закопам "у цвету младости"... има време, ќе се одмарам. ДОНЧЕ Незгодно ми е од жена ти. Живка ми е пријателка... ВЛАДИ А бре, на Софи и е супер! Во форма сум, постојано добро расположен... таа е среќна... е сега, малку почесто сама седи дома, ама на жената таму и е местото... да се знае кој е газда! Ај, не тупи жити мајка, додека сте вие на вечера, Зора и јас доаѓаме во вашиот стан, едно час, час и половина, атара-патара и после Зора ти го средува станот... ДОНЧЕ Зора? ВЛАДИ Страшна женска. Со три збора се разбравме. Праша: кога, каде и како? ДОНЧЕ И ти и рече: вечер, кај Донче и голи... ВЛАДИ Не! Ќе си носам пижами... барем горен дел... ме стега крстот... (Влегува Кристина, доста нервозна... Софи веднаш по неа... Влади го изведува Донче надвор...) КРИСТИНА И добро... зошто не појдете кај него... СОФИ Кај Сашо? Ти не знаеш какви проблеми има... КРИСТИНА Какви, жити мајка? СОФИ Мајка неподвижна, мора постојано да се грижи за неа... многу е нежен и внимателен... еј, па какви писма ми пишува... такви не сум добила од гимназија, полни со страст и болка... вели мама пати, јас патам... одвај чекам... КРИСТИНА (Се засмејува) Да ми умре мама... СОФИ Не ма! Да те стиснам во мојата прегратка... гледај овде... (Вади неколку листа, и ги подава...) Читај! Втора страница... КРИСТИНА Заспивам со твојот опоен мирис, ти си моја богиња, чуварка на рајските порти, султанија... а бре, овој е некој хуморист... СОФИ Си добила ти некогаш вакво писмо? КРИСТИНА Твојата кожа... СОФИ Бела како алабастер... твоите гради... КРИСТИНА Го знаеш на памет... СОФИ Вакви веќе нема... КРИСТИНА Те бакнувам нежно како дете, а те посакувам страсно како маж. Знам дека не е лесно да се ослободиш од мажот ти, ама јас верувам во тебе. (Во тој миг влегуваат мажите, Влади е добро расположен...) ВЛАДИ Доаѓа Димитар Ѓорчев! (Кристина брзо го стуткува писмото и и го подава на Софи, а оваа станувајќи го крие, но една страница паѓа без да ја забележат. Донче го забележува овој детаљ, дискретно се доближува и ја собира страницата, пикнувајќи ја в џеб. Софи на Кристина на страна, шепотејќи...) СОФИ Значи, вечер во осум... кај тебе?! КРИСТИНА Незнам... ВЛАДИ (исто така на страна на Донче) Договорено... вечер кај тебе... ДОНЧЕ Незнам... (Бучно влегува Димитар Горчев, Димо селанчето од Неготино...) ДИМО Добар дан желим свима, колко год вас овде има. Воа малку да се насмееме. Поезија. Ја се извинувам шо закасни. Ниа вашот Григорије сака да ме преебе на брзина. Шо мисле, дека сум сисал весла. Ја ка ќе го фанам, има да го... Донче... Донче ти ли си?! Малее, воа е немогуќе. ДОНЧЕ Да јас сум... мило ми е... ДИМО Знаиш ли бе Донче ја ги имам сите твои плочи, касети, те обожуам. Дома сите те обожујме и жен'та и ќерките... Ај, да си ибиш векот... воа жен'та ли е? ДОНЧЕ Да... ДИМО Мило ми е, госпожа, јас су Димо од Ниготино. КРИСТИНА Кристина. ДИМО Еј, ка ќе кажуам у Ниготино, нема да ми веруват... да ми дадеш еден аутограм? ДОНЧЕ (вади неколку фотографии) За кого? ДИМО Шо за кого? ДОНЧЕ Фотографијава, за кого? ДИМО Ами, за мене. (Донче потпишува) Е сеа, една за жеен'та и една за б'лдската, да ја ебам, името и е троа д'го, да го... Февронија, ама нија си ја викаме на галено Филимена... Е како го вртеш ова "Ф"-то, човек да не знае "Ф" ли е "Б" ли е?! Е фала ти ногу... Госпожа... СОФИ Софи... (Додека Димо се поздравува со Софи, Донче го тргнува Влади на страна, тивко.) Овој ти е бизнисменот?! ВЛАДИ (сака да го одбегне одговорот, кон Димо) Приредив мала ревија за Вас... ДИМО Дончето ќе пее? Слушај Донче, ај кажи ја онаа мој 'та... ВЛАДИ Нее, господинот Донче сега е пратеник... ДИМО Еј, да го ебам, да не забравил да пее... Ја шо дека сега сум бизнис мен, ја ка ќе се наакам од таа ж'т'та, па ка ќе рикнам... малее... Еј, да ви кажам еден виц. ДОНЧЕ Не треба Димо... ДИМО Ка не требе... Ваа е ногу важна. Слуши! Еден Неготинец се разболел, пејач, вака ка тебе. Изгубил го гласот. Ларингитис. Шо да прае, ка ќе прае и и вика на жен'та: Жено, ја ќе одам кај комшијата, нија Кавадарчанецот, тиа е доктур, може ќе поможе... да не одам по болници." Слегнал долу, ѕвоне... отвора жент'та на доктурот. (шепоти, глумејќи засипнат) "Добар ден госпожа, мажот ти дома е?!" А жент'та исто шепотејќи: "Не е. Ајде влези!" (и прснува во смеење...) А, гледаш вие Кавадарчанките... ВЛАДИ (Се обидува да го запре) Колекција "Росана", моделите се од природни материјали... волна, памук... ДИМО Од дека вн 'та? Од Австралија? ВЛАДИ Зошто од Австралија?! ДИМО Па вн'та труни низ Македонија, а вие од Австралија. Е, ама македонската в'на била остра, требе да се работе, а наа наму мека! Шо народ ќе бееме. Се не мрзе да работ'ме. Наа ден, на телевизијата... (И Димо би зборувал, но почнува музика и тргнува ревијата. Додека манекенките дефилираат се врши промена на сцената... полека мрак) 2. Сцена Кај Кристина дома. Попладне. Пепи, внатрешен декоратер, порано Пецо молерот, качен на скала, лепи тапети, станот доста вкусно изгледа. На ѕидот, на посебно место урамен плакат со слика на Донче од предизборната кампанја. Низ станот, чистејќи, игра Ајша, модерна и згодна Ѓупка, трешти некаков кан-кан. Станот е поделен на два дела. Едниот представува спална соба, а другиот дневна.) ПЕПИ Браво, како балеринче си! ЖИТАН Сум била балерина. ПЕПИ А?! ЖИТАН Во Франција. Играв "Ружичасти балет" ПЕПИ Каде?! ЖИТАН Во Париз. Сме настапувале пред најбогати луѓе. ПЕПИ Како?! ЖИТАН Тој ти е повеќе... како да ти кажам... (Прави движења како од класичен балет) ... со мешање... Како чочек. А многу убаво сум била примена. Патронот ми вели: Житан... ПЕПИ Житан?! ЖИТАН Како цигарите. Си видел како е таа на сликата. Житан. Ѓупка, вруќе крви. Кога ќе ме повлечеш, дувот ти се зема. ПЕПИ И?! ЖИТАН Што и? ПЕПИ Тоа со балетот? ЖИТАН А, и патронот ми вели: Пупет... ПЕПИ Па нели беше Житан? ЖИТАН Житан ми е име, а Пупет повеќе ми иди како прекар: кукле! Разбираш! ПЕПИ И?! ЖИТАН И патронот ми вели: Ајше... ПЕПИ Е сега ништо не разбирам. Ајше?! ЖИТАН А бре, ти си бил многу глуп. Што сакаш, да бегам од името што ме крстувал кумот Батистута. ПЕПИ Батистута?! ЖИТАН Зошто, што му фали? ПЕПИ Батистута фудбалерот? ЖИТАН Не бре, фаталист од граска чистоќа. А пак него го крстил кумот Елвис, Џ. Куртовиќ. Е и овој работел у Немачка... ПЕПИ Елвис? ЖИТАН Не бре, Батистута... а да си го видел тој Батистута, што бил убав, како прав Германец. Едни очи црни... коса ... црна како ќумур... ПЕПИ Аман, доста... кажи ми... Што е со балетот? ЖИТАН А балетот?! Многу убаво, многу убаво ми било. Олала... сме биле меѓународна трупа. Све млади балеринчиња... најмногу од источни земји... И стално не ангажирале на "партуз приве". ПЕПИ Партуз? ЖИТАН Миш-маш. Мешано... како турли тава. Само, после некој од тие балеринчињата фатиле од тој болеста, што удира на плуќа. ПЕПИ Бронхитис. ЖИТАН Не! ПЕПИ Туберкулоза? ЖИТАН Сида. (Пепи паѓа од скалата. Житан продолжува, како ништо да не се случило.) Сега сум се враќала да се интегрирам во процесите на приватизацијата. Работам како "фам де менаж ше мадам Кристин." (го крева Пепи) Имам потврда! ПЕПИ За работа? ЖИТАН За сида. ПЕПИ (изваден од памет) Имаш сида? ЖИТАН Немам!! И одма да се разбереме. Ако имаш некакви намери, без потврда, не сакам ни да разговарам. ПЕПИ (Најпосле и тој доаѓа до збор.) А, ако донесам?! Вечер, да речеме? ЖИТАН Же не суи па ин 'е путен. Ќе мислам. (Ѕвоно на вратата. Житан, врцкајќи се, оди да отвори. Пепи ја штипнува за задникот.) ЖИТАН Еј, ова не е... а потврда? ПЕПИ Имам потврд... (Житан отвора, влегуваат Донче и Кристина. Донче веднаш оди во спалната. Житан и помага на Кристина да се соблече...) КРИСТИНА Вечерва Вие сте слободна? ЖИТАН Да... КРИСТИНА Излегувате? ЖИТАН Да... ако треба не... КРИСТИНА Не... не, напротив, излезете... слободно... можете подолго да се задржите... (Пепи веднаш и приоѓа, однесувајќи се нападно феминизирано. Постојано додека е со газдите Пепи има женски движења.) ПЕПИ Би сакал, госпоѓо, нешто да Ви предложам... Видете, со овие тапети и вака среден салон... стариот регал никако нема да ви одговара... КРИСТИНА Не знам, Пепи, тоа со Донче ќе морате да го решите, тој е газда, тој дава пари... ПЕПИ Добро шефе... (Тргнува кон спалната, а патем ноншалантно ја штипнува Ајша за газ, оваа спискува, Кристина се врти...) КРИСТИНА Што е?! ЖИТАН Мерд! Го заборавив кафето... ќе претечи... (Истрчува во кујната...) (Пепи влегува во спалната соба и го затекнува Донче како го чита "љубовниот лист"...) ДОНЧЕ (Бесен) Што е?! ПЕПИ За регалот... ДОНЧЕ Што со него? ПЕПИ Нема да одговара со тапетите и со тоа како сега изгледа собата. ДОНЧЕ Ништо не му фали... арен си е! ПЕПИ (Феминизирано ги опишува деталите) Да, ама на бели чипкани завеси, виолетови седишта, не може регал од ерата на презрените комуњари. Јас ќе ја изгубам репутацијата... кај вас доаѓаат луѓе... ДОНЧЕ Добро, и што сакаш? ПЕПИ Нов регал! ДОНЧЕ Не може. ПЕПИ (умилкувајќи се... доверливо) Ама, и онака Вие не го плаќате... ДОНЧЕ Може! Оди види со Кристина... (Пепи излегува, Донче се нафрлува на писмото... Пак тропање на врата, Донче го пикнува писмото в џеб.) Да? (Влегува Житан) Што има? ЖИТАН Ве бара господинот Влади... ДОНЧЕ Фино... (Житан се повлекува, влегува Влади, ја затвора вратата зад себе, носи акт чанта...) Е?! ВЛАДИ (Ја отвора чантата и од неа вади горен дел од пижама и шише виски) Мраз имаш? ДОНЧЕ Ти не си нормален... ВЛАДИ Нејќам да те штетам... Морав да дојдам порано, Зора ќе ми се јави. ДОНЧЕ Овде? ВЛАДИ Кај мене е незгодно! Замисли да ја крене слушалката Софи... ДОНЧЕ А, замисли да ја крене слушалката Кристина. (Донче станува и нервозно шета) Дали си ми ти пријател?! ВЛАДИ Гол во бања за тебе... ДОНЧЕ Не заебавај, работава е сериозна! ВЛАДИ Кажи? ДОНЧЕ Јас сум рогле! ВЛАДИ Првпат ти е? ДОНЧЕ Сакаш да те убијам? ВЛАДИ Кристина?! Не е можно! ДОНЧЕ На, читај! (Му го подава листот... Влади чита... Влегува Пепи... Влади брзо го крие листот) ПЕПИ Се извинувам... со госпоѓа Кристина се договорив... ДОНЧЕ (Бесен му свикува) Излегувај! Гледаш дека имаме работа. ПЕПИ (Навреден излегува) Добро, излегувам... само немојте после - не сакам ваква боја, не сакам вакво дрво... ДОНЧЕ На глава ми се качи. ВЛАДИ А, да не е писмово за Житан? ДОНЧЕ Да, тој ќе и пишува: Не е лесно да се ослободиш од мажот ти! ВЛАДИ А Житан не е мажена?! ДОНЧЕ Не е! ВЛАДИ Незгодно?! ДОНЧЕ Незгодно! ВЛАДИ А да не е од некоја пријателка... некоја жена? ДОНЧЕ Те бакнувам нежно како дете, те посакувам страсно како маж. ВЛАДИ Па, ти го знаеш напамет! ДОНЧЕ Само не знам како да дојдам до другите листови?! (Влегува Житан) ЖИТАН Месје Донше, ме прати месје Пепи да Ве прашам... ДОНЧЕ Месје Влади, колку се оди во затвор за убиство во афект... (Житан гледа дека погрешила и набрзина се повлекува...) Знам што ќе направам... ќе и го подметнам листот на некое видно место и по нејзината реакција ќе знам на што сум! (Го остава листот на ноќното масиче, покрај телефонот... задоволни тргнуваат кон салонот... Во исто време, Кристина се упатува кон спалната... се вади од памет кога го здогледува Влади.) КРИСТИНА Што бараш ти тука?! ВЛАДИ Не треба да бидам?! КРИСТИНА (Збунета) Па, не треба... (Кристина тргнува кон бањата, одбегнувајќи го значајниот поглед на Донче) ДОНЧЕ Виде како избега... не смее в очи да ме погледа... (Донче се упатува кон клучалката и ѕирка во спалната, Влади дискретно му се придружува... Влегува Пепи, ги здогледува Донче и Влади се повлекува смеејќи се...) ВЛАДИ Ќе остареме додека се нашминка... (Кристина излегува од бањата и поминува низ спалната, ја отвора вратата, а мажите, бидејќи се навалени на вратата треснуваат напред со носовите... Прв се снаоѓа Влади.) Е, вака треснаа... А, им велам во комисијана... не може така и не може, ама со оној Благоја не можеш да излезеш на крај, па тоа ти е! (Кристина ги гледа зачудено за миг, па поминува покрај нив, зема нешто и пак се враќа во бањата. Донче и Влади, веднаш се упатуваат кон клучалката. Кристина поминува покрај листот не забележувајќи го. Во салонот повторно влегува Пепи и кога ги здогледува натртените Донче и Влади, се наведнува и тој да види...) ПЕПИ Може и јас да ѕирнам... (Донче некако несвесно му прави место... но во тој момент во салонот влегува Житан.) ЖИТАН А бре, што правите? (Сите срипуваат, удирајќи се со главите и почнуваат да лазат по подот како да бараат нешто) Барате нешто?! ДОНЧЕ Да... да... бараме... ЖИТАН Ај, ќе ви го најдем ко ќе чистам... (Излегува, патем штипнувајќи го за газ натртениот Пепи) Имаш потврд... (овој спискува... другите се вртат кон него...) ПЕПИ (Го вади сантиметарот) Го најдов... сантиметарот... (И набрзина излегува. Донче и Влади гледаат по него неколку секунди, па веднаш се нафрлаат на клучалката...) ВЛАДИ Што има ново? ДОНЧЕ Ништо! (Се тргнува од клучалката и седнува во салонот. Влади ѕирка) ВЛАДИ Да побрзаше малку... Не можам вака цел ден да клечам... ДОНЧЕ (Размислува) Нема логика... нема логика... по петнаесет години брак... ВЛАДИ (Седнува покрај Донче) Со логика не се набиваат рогови... рогови се набиваат... (Ѕвони телефонот... Донче со трчање се упатува кон клучалката... Од бањата излегува Кристина и се упатува кон телефонот... На листот од писмото запишува некаква порака, па се упатува кон салонот. Донче со скок седнува на троседот и "жестоко" почнува да дискутира...) ДОНЧЕ На може така да се водат седници... не се тоа новокомпонирани тралалајки. КРИСТИНА Донче... ДОНЧЕ Момент... не може само експлиците... КРИСТИНА Донче... ДОНЧЕ Мора и имплиците... КРИСТИНА А бре, ќе ме слушаш ти! Се јави оној... со главата... рече да му се јавиш... еве го бројот... (Му го подава листот од писмото) ДОНЧЕ (Држејќи го листот) Само толку? КРИСТИНА Толку... (Оди во спалната оставајќи му го листот... Донче трча по неа...) ДОНЧЕ И нема ништо друго на листов? КРИСТИНА Нема! ДОНЧЕ Ама... погледај добро... (и го подава листот под нос) да не има нешто? КРИСТИНА НЕМАМ (го грабнува листот, го стуткува и го фрла низ прозорецот, заминува во бањата...) ДОНЧЕ Ајј, листот! Единствениот доказ ми одлета... (трча во салонот, Влади го гледа зачуден...) Го фрли листот... камионон партал ќе го направи... Трчам долу... (На вратата се судрува со Софи, се вади од памет... истрчува... Софи, носејќи шише шампањско влегува во салонот, но таму е Влади... сега таа се вади од памет...) СОФИ Влади!!! ВЛАДИ Софи!!! КРИСТИНА (И таа влегува во салонот и се вади од памет кога ги здогледува двајцата) Што правите вие двајцата тука заедно?! (Софи прва се снајдува и и го тупнува шампањското...) СОФИ Хепи бртдеј то ју... хепи бртдеј то ју... (Кристина е сосема збунета... Влади исто... и приоѓа и ја бакнува.) ВЛАДИ Па ти, не беше риба?! КРИСТИНА Даа, ама подзнак сум шкорпија... (Кристина го зема шампањското и тргнува кон кујната... Софи оди по неа... шепотат...) Па добро, Софи, се уште не е осум и пол... СОФИ Шампањското, сакав да биде ладничко... Сашо сака да режи... (Во тој момент ѕвони телефонот... сите потрчуваат кон слушалката...) КРИСТИНА Јас ќе се јавам... од спалната... (Тргнува, Софи по неа...) Ало... да... Александар? Кој Александар... А Сашо... Алек... ја барате Софи... сега... момент... (таман да и ја подаде слушалката на Софи, влегува Влади...) ВЛАДИ За мене? КРИСТИНА Да... ова не... напротив... (Влади излегува...) Ти си луда... овде те бара? СОФИ (Ја зема слушалката) Ѕверче мое... маче мое... (и дава знак на Кристина да излезе, а таа продолжува да преде... Во салонот Влади се шутка...) ВЛАДИ Што прави Софи? КРИСТИНА Боже Влади... што прави Софи... па дојде да ми честита роденден... ВЛАДИ Што прави таму? КРИСТИНА Боже Влади... па телефонира... ВЛАДИ Кому телефонира... КРИСТИНА Боже Влади, па на вујко и... ВЛАДИ Софи нема вујко! КРИСТИНА Боже Влади... Ти немаш вујко?! ВЛАДИ Ааа... Вујче Перо! КРИСТИНА Перо од Неготино?! Еден вака црн... ВЛАДИ Не бре Кристина, вујче Перо... КРИСТИНА Да де, вујче Перо... ВЛАДИ На умирање е! КРИСТИНА Е па, одлично... љубезно е да се поразговара со него пред да умре! ВЛАДИ Имаш право, и јас ќе му кажам некој збор... (Влегува во спалната, Софи завртена со грб кон вратата праќа бакнежи) Бакни го и од мене... СОФИ (Се преплашува и ја испушта слушалката) Што?! ВЛАДИ Кажи му да не се дава. СОФИ Кој?! ВЛАДИ Како кој?! КРИСТИНА Па вујче Перо СОФИ Ааа... Вујче Перо... (Во слушалката) Вујче Перо, да не се даваш... и те поздравува многу... како кој?! Па Влади. Внук ти... мојот маж... (и ја спушта брзо слушалката) ВЛАДИ Зошто затвори?! Сакав јас да му се јавам... СОФИ Тој затвори... картичката му истекла ... немал повеќе импулси... ВЛАДИ Вујче Перо телефонира со картичка... а дома има телефон... и башка во количка е, неподвижен... СОФИ Извини, ама со количката баш е подвижен... И, што си запнал со мене?! Кога ќе се видиш со него, прашај го! (Софи станува и излегува) Мила, си одам... (Кристина тргнува да ја испрати...) ВЛАДИ Мила, заборавив да ти кажам... Вечерва... СОФИ Имаш важен состанок со... ВЛАДИ Точно... со... СОФИ Не мораш да ми кажуваш, знам! ВЛАДИ Ама, можеби ќе се задржам. СОФИ Е, ако де... Можеби и јас ќе се задржам! ВЛАДИ (Одеднаш љубоморен) Како, излегуваш?! СОФИ Да!! ВЛАДИ Каде, ако смеам да прашам? СОФИ На концерт! Со Кристина! Филхармонија, со руски виолинист... Би можел и ти да дојдеш, не е лошо малку културно да се издигнеш... ВЛАДИ Па, ти реков дека имам важен... СОФИ Состанок! Чао... (Софи излегува, на вратата се судрува со Донче, целиот задишан и испотен... Кристина оди повторно во бањата...) ВЛАДИ Што е?! ДОНЧЕ Ме брка еден тип! ВЛАДИ Каков тип?! ДОНЧЕ Еден ломбак, еден глуп... еден толкав... Писмото беше паднато под една кола, колата беше отворена, влегов да ја мрднам да си го земам писмото... истрча типот... мислеше дека му ја крадам... еве го зад мене... ВЛАДИ Па, што не му објасни?! ДОНЧЕ Да му објаснам дека жена ми има љубовник... Оди види, жити мене... задржи го како знаеш... (Донче брзо излегува. Влади се шутка низ станот, наоѓа некаква метла и се затскрива зад влезната врата. Задишан, влегува Димо селанчето, Влади го треснува со метлата. Димо паѓа од ударот. Влади изваден од памет.) ВЛАДИ Господине Ѓорчев, Ве молам... ДИМО Да ииш ти у пи... а бе, ти, нормален си? Среќа шо имам брзи рефлекси, па така ескивира. Моеше око да ми изваиш. ВЛАДИ Се извинувам... ова беше за Донче... ДИМО А, ти сакаше на Дончето око да му ваиш. ВЛАДИ Не. Требаше Донче да го спасувам... Го брка еден тип за жена му... ДИМО Не ми го кажувај Дончето. Тиа пејачите, сит'е се тија швалери. ВЛАДИ Не. На Донче жена му... ДИМО На Донче жена му... Госпожа Кристина има љубовник... малее... (Донче влегува, како да прислушкувал... На Влади) ДОНЧЕ Што трескаш, што трескаш глупости. Каква жена... каков љубовник. ДИМО Кажи бе, Донче, шо мака те мачи. Ако ја не ти поможам, кој... ДОНЧЕ Еден тип... и јас листот... а тој колата отворена... и сега... листот... а јас да... го мрднам... и тој сака да ме мава. (Димо гледа, ништо не разбира.) ДИМО Па така кажи. Сеа ќе му ибиме мамата! ДОНЧЕ Димо, немој! ДИМО Он мене Дончето ќе ми го тепа. Сеа ка ќе го напупам... (Излегува.) ДОНЧЕ (На Влади) Оди види да не направи некоја глупост. (Влади излегува. Донче оди во својата соба. Од другата страна влегуваат Пепи, Житан и Кристина.) ПЕПИ Госпоѓо, сакаме да Ве предупредиме дека ние ноќеска ќе работиме долго... ЖИТАН Ќе се задржиме... КРИСТИНА Каде?! ЖИТАН Иси. Овде! КРИСТИНА Не доаѓа в предвид... вечерва излегуваме! ПЕПИ Одлично, нема да ни пречите. КРИСТИНА Да, ама вие ќе пречите... Ќе им пречите на другите... ПЕПИ Ама ние нема да чукаме со чекани... Само ќе си дупиме... (се погледнуваат со Житан значајно) ... КРИСТИНА Ќе дупите?! ПЕПИ Нежно... пицикато... со потврда... (Се кикотат двајцата...) Се фина работа... КРИСТИНА Не може! Вечерва не можете да останете тука! ЖИТАН Зошто?! КРИСТИНА Затоа што... затоа што... ве водам на вечера во ресторан... Сакам да ве изведам. ПЕПИ Ама неее... не се чувствувам баш најдобро... ЖИТАН А мене, како ме вие стомаков... од внатре ме кини... КРИСТИНА На Донче ќе му биде многу мило да ја помине вечерата со вас... ПЕПИ И, за што ќе разговараме? Тој политичар, јас декоратер... (Се враќа Влади, Донче веднаш излегува... Но, Кристина им приоѓа...) КРИСТИНА Донче, заборавив да ти кажам дека ги поканив Пепи и Житан на вечера со нас. ДОНЧЕ Кога?! (Се обидува, со ишарети, да дознае нешто од Влади.) КРИСТИНА Вечерва. ДОНЧЕ Па... тоа е тајна вечера... партиска... И, што ќе прават Пепи и Житан со најтесното раковдство на партијата?! ПЕПИ Точно. Нема што да правиме... КРИСТИНА Можат да разменат ставови... мислења... а нам ќе ни прават друштво... ДОНЧЕ Малку ти е нивното друштво по цел ден! ПЕПИ (навреден) Ви благодарам, господин Донче, на Вашата љубезност. ЖИТАН Ние можеме да остануваме овде и да работиме како Ѓупци. КРИСТИНА Нема шанса! (кон Донче, кој е бесен) Ајде, и не биди таков намќор, насмеј се! ДОНЧЕ Каков сум - таков сум! Намќор сум! И не се смеам... Останувам!!! КРИСТИНА Каде?! ДОНЧЕ Овде! КРИСТИНА Нема шанса! ВЛАДИ Нема Шанса! ПЕПИ Нема Шанса! ЖИТАН Немогуќе! ДОНЧЕ Могуќе и точка!!! КРИСТИНА Добро тогаш, ќе ја повикам Софи овде. ВЛАДИ (Во паника) Што ќе прави Софи овде?! КРИСТИНА Од тоа што имаше намера - ништо! Тоа ќе и го кажам по телефон. (врти број, па прекинува... оди на телефонот во спалната...) Таму сум помирна... ВЛАДИ (Брзо го тргнува Донче на страна) И сега, што ќе правам?! Зора ќе дојде овде за половина час! ДОНЧЕ Ако сакаш искрено... знаеш колку ме заболе! ПЕПИ (задоволен) А, значи така... тајни состаноци... ЖИТАН Затоа ние не можеме овде да останеме и да работиме... ВЛАДИ Не е тоа... тоа е една странка... со која... треба... ПЕПИ Партиски да разговарате. ВЛАДИ Да, тоа! (Влегува Кристина... Мажите се тргнуваат на страна... Пепи, за да ја спаси ситуацијата, и приоѓа) ПЕПИ Госпоѓо, не се договоривме за тапетите во детската соба... КРИСТИНА За тоа ќе разговараме утре... Тет-а-тет, на само. (Донче значајно ја погледнува) Се разбира, ако мажот ми нема ништо против! ПЕПИ Е па, не е лесно да се ослободите од мажот. (глупаво се смее. Излегува. Донче бесен гледа по него.) КРИСТИНА Чекам да ми се јават... Одам во спалната. Таму е најмирно! (Излегува) ДОНЧЕ Ја чу што рече?! ВЛАДИ Одам во спалната, таму е најмирно. ДОНЧЕ Не тоа. "Ако мажот ми нема ништо против", а тој и одговори: "Не е лесно да се ослободите од мажот". Истата реченица од писмото... од збор до збор. Да видиш. (Го вади листот, т.е. она што останало, се обидува да го испегла) Ете баксуз, баш таа реченица останала залепена на гумата. (Тешко воздивнува.) Еј Влади, никогаш немој да го фарбаш станот. Поарно да живееш во дупка и мемла, ама да бидеш сакан, отколку да си рогле, во свила и кадифе! ВЛАДИ Ајде, не претерувај... Кристина со молер?! ДОНЧЕ Сега ми е јасно зошто сакаше да го поведе на вечера со нас. Не може ни една секунда без него. ВЛАДИ А бре, биди разумен! Не гледаш дека типот е... (Донче го загледува) Сто посто е! ДОНЧЕ Што е?! ВЛАДИ Пешкир... пепи... пудлица, пуслица... ДОНЧЕ Ајде, не трескај глупости. ВЛАДИ Не си го загледал како оди? (Па ја става чантата од Кристина на рамо и почнува да оди врцкајќи се, заводливо му се приближува на Донче, дури му седнува во скутот. Во тој миг влегува Пепи вчудоневиден ја гледа оваа "педерска" сцена.) ПЕПИ Опааа... моите комплименти... (Донче и Влади се сепнуваат... Влади ја фрла чантата, се обидува да изгледа нормален, но тоа криење го прави уште попедер) ПЕПИ Јас дојдов за мустрите... ДОНЧЕ (Го загледува значајно и испитувачки...) Пепи, може на само нешто да поразговараме? ПЕПИ За мустрите?! ДОНЧЕ Да... (Му дава знак на Влади, кој излегува кон кујната...) ПЕПИ Видете господине... јас мислам дека овој тапет бел, со сини цветчиња... (Пепи опишува како ќе изгледаат цветчињата... Донче значајно го гледа) Па едни розе завесички... ДОНЧЕ Пепи, да Ве прашам нешто многу деликатно? ПЕПИ (Чувствувајќи се непријатно...) Видете... не мора да бидат... розе завесите... ДОНЧЕ Пепи, дали сте Вие?! ПЕПИ (Збунето го загледува) Дали сум што?! ДОНЧЕ Па ова... сини цветчиња... розе завесички... ПЕПИ Молам?! ДОНЧЕ Мојот пријател Влади е убеден дека сте пешкир, пепи, пуслица... пудлица... ПЕПИ Што?! Господине... ДОНЧЕ (Тотално изгубен) Тој така мисли... а јас... јас не мислам... само сакам да знам дали сте? ПЕПИ Да не ѕвонеше некој? (Тргнува кон излезот, Донче грчевито го фаќа за рака... Пепи се вади од памет...) ДОНЧЕ Пепи, многу ми е важно... за нашите односи... за нашата иднина... ПЕПИ (Се обидува да се оттргне...) Господине Донче... ДОНЧЕ (Преколнувајќи го) Кажете дека сте... би ме направиле бескрајно среќен... ПЕПИ (Успева да се отргне) Е па, слушајте господине Донче! Поздравете го од мене Вашиот пријател Влади и слободно кажете му дека сум маж сто посто!!! Ги сакам жените... а што е најважно, и тие ме сакат мене!! ДОНЧЕ (Очаен) Не е можно?! ПЕПИ Јас сум Пецо молерот, а ова што по малку се правам Пепи, пешкир... пуслица, пудлица... тоа е бизнис штос. Кој маж би ме оставил со жената по цел ден, сами во станот, а?! Вака, нема проблем... Задоволен сте?! ДОНЧЕ Не сум! ПЕПИ Па, што да правам. Јас, на овие години, не можам да се менувам... Пробајте со Влади, гледате дека не пребира... дај што даш... (Ги собира мустрите и навредено тргнува да си оди. Зад вратата стои Житан и го штипнува за газ, Пепи срипува и се врти кон Донче) И, Ве молам, никакви интимности!! (Дури тогаш ја здогледува Житан, како му дава ишарети дека ќе го чека подоцна) ДОНЧЕ (Не ја гледа оваа сцена меѓу Пепи и Житан... очаен се завртува кон Пепи, и многу трогателно...) А колку време трае тоа меѓу вас? ПЕПИ (Збунет, застанува) Меѓу нас?! ДОНЧЕ Ти и таа! ПЕПИ А, Вие мислите... (Па покажува неодредено кон Житан) Значи Вие знаете... е па... ДОНЧЕ Признаваш?! ПЕПИ Признавам! ДОНЧЕ И, што правевте? ПЕПИ Е па, тоа се наши интимни работи. ДОНЧЕ Само еден збор... Да или не?! ПЕПИ (Скрушено, потврдно климнува со главата) Да! ДОНЧЕ Каде? ПЕПИ Овде! ДОНЧЕ Во мојов дом?! ПЕПИ Па, не бевте тука. ДОНЧЕ И, во ниеден момент не помисли на мене? ПЕПИ (Изненаден и засрамен) Не... воопшто! ДОНЧЕ Не помисли, да речеме, дека и јас би можел да ја сакам, и дека вашиот однос, да речеме, може да ми нанесе болка? ПЕПИ (Тотално збунет) Чекајте сега... не разбирам... Вие ем... (Па гестикулирајќи покажува дека Донче е педер... женет, а ја сака Житан) Да не претерувате малку... Море, расипан свет! (Влегува Влади) ДОНЧЕ Знаеш дека призна се... И воопшто не е... (Покажува) ВЛАДИ Невозможно?! ПЕПИ Возможно е, возможно! И, многу ми е жал. (излегува машки, мачо, проаѓа покрај Кристина, која го гледа збунето. Влади, претчувствувајќи бура, тргнува да си оди... Донче скокнува) ДОНЧЕ Каде? ВЛАДИ До колата, само нешто да земам... ДОНЧЕ Не може! Ми требаш како сведок. ВЛАДИ Морам до тоалет... ДОНЧЕ Две секунди!! (Влади се искрадува кон тоалетот) КРИСТИНА Добро, што ти е вечерва?! ДОНЧЕ Сега дојде редот и на нас! Ајде да се разбереме и ние!! КРИСТИНА Што сакаш да кажеш?! ДОНЧЕ Петнаесет години среќа, љубов, на мирен, но и возбудлив брачен живот, ги фрлаш со еден потег... КРИСТИНА Ти, нормален си? ДОНЧЕ И тоа со кого?! Со еден декоратер... молер... фарбар... Одвратно! КРИСТИНА Ајде, смири се... Некој ќе те чуе и ќе помисли дека си болен! ДОНЧЕ (го вади листот од писмото) А, овој еротски документ, не ти значи ништо?! КРИСТИНА Ќе повикам доктор! ДОНЧЕ Не, поарно повикај адвокат! (Па почнува да чита од писмото) Едвај го чекам моментот кога нашите усни ќе се спојат, кога нашите тела... КРИСТИНА (Спискува) Боже господе, па тоа е... ДОНЧЕ (Се побесен) Тоа е ТОА!!! Кучко! КРИСТИНА Каде го најде? ДОНЧЕ Каде што требаше! Ова е крунски документ! КРИСТИНА Ова не е за мене... ова не е од него... ова е за Со... (Во тој миг влегува Влади, Кристина се сепнува и почнува глупаво да се смее) После ќе ти раскажам... ќе се скинеш од смеење... ДОНЧЕ Нема потреба. Твојот љубовник ми призна се! КРИСТИНА Мојот љубовник?! Боже, колку си глуп. ДОНЧЕ Ла комедија е финита! Владо, може ли да преспијам кај тебе? ВЛАДИ (Тотално збунет...) Може... ДОНЧЕ (Трогателно и патетично) Госпоѓо... (Тргнува кон вратата, но од таму претпазливо влегува Пепи) ПЕПИ Се извинувам, си ги заборавив мустрите... ДОНЧЕ Господине, госпоѓа Карапопова Ве чека... Креветот ви е наместен. Чиста пижама има во орманот! ПЕПИ Молам?! КРИСТИНА (Се обидува да го задржи) Миличок... ДОНЧЕ Не допирај ме, пачавро!!! Ајде, Владимире, да се начукаме и да најдеме некои мачки... млади мачки... (Тргнуваат, но на вратата се судруваат со Димо селанчето.) ДИМО Еј, баце Донче, е да знаеш шо бидна. Тој човекот шо те бркаше... тој да ти биде Неготинец... Пано-Пано... па ка седнаме у тоа кафиќо, па ракики, мезе... е шо ми кажа еден виц... скина се од смеење... Слуши... ДОНЧЕ Господине Ѓорчев, вицот слободоно можете да и го раскажете на мојата пачавра, останете, а потоа можете да си играте и воз!! (излегуваат со Влади) ДИМО Еј да го ебам, шо му стана на чоеков?! (Гледа дека ситуацијата не е баш најпријатна.) Е па, ништо, сега ние ќе си одиме... ПЕПИ Ќе не извините, госпоѓо... КРИСТИНА (Збеснува) Да не сте мрднале одовде!! Пачавра, а?! Во спалната соба - напред марш! (Двајцата се здрвуваат, Кристина командува.) Двајцата! ДИМО Ама, ја не носам пижами... КРИСТИНА Голи... Угул голи... (Почнува да го свири и да го пее триумфалниот марш од "Аида"... Пепи и Димо, збунети, марширајќи, се упатуваат кон спалната.) ПЕПИ Госпоѓо Карапопова, Ве молам, на терајте не во грев! ДИМО Ама, ја така, случајно дојдо... Си реко, да го видам Дончето, госпожа Кристина... КРИСТИНА Го чувте мажот ми... беше јасен! В кревет!!! ДИМО Да ама вака наедн'ш, апансас шо се... ами, ја убаво не те ни познавам... Здраво, здраво и толку... КРИСТИНА Сакате да се запознаеме? Одлично, да Ви се претставам. Кристина Карапопова, родена Рајатовска, стас, нос и години средни. Брада и мустаќи немам. Коса природна, особени знаци немам... пардон, младеж на... вие ќе треба да откриете... Досега - верна жена... отсега - пачавра! Доволно?! В кревет!! (Двајцата скокаат во креветот) Пижама? ДИМО Ами ако сакаш право да ти кажам, јас си спиам со тиа д'гите кошулки... и само си задигнуам ка ми требе... КРИСТИНА (Им ја фрла пижамата на Донче) Поделете си ја! (Стојат збунети со пижамата в раце) ПЕПИ Госпоѓо Карапопова, да не претеравме малку... мажот Ви сигурно се шегуваше... КРИСТИНА Јас не се шегувам! Соблекувајте ги панталоните! (Пепи и Димо се здрвуваат, почнуваат да се муваат) Побрзо... ДИМО Госпожа Кристина, а знаиш наа стаар'та... после ебаање нема каење. Нуму после да биде: Малее шо ми е криво... КРИСТИНА Спремна сум на се. (Пепи и Димо се подрасоблекоа, Кристина, кога ги здогледува, прснува во смеење...) ДИМО Тоа Дончето, ногу слабо било... КРИСТИНА (Тргнува кон бањата) Веднаш се враќам... В кревет и чекајте ме!! (Пепи и Димо послушно, како ученичиња, легнуваат во креветот, покривајќи се до главата. Кристина, пеејќи, оди до бањата, од вратата им праќа бакнежи. Кокетно, ја затвора вратата... Пепи и Димо, вчудоневидени, гледаат по неа...) ДИМО Малее, ваа ка запнала има да ни го... ПЕПИ Мораме да останеме со чисти глави... во ваква ситуација, најдобро е... ДИМО Да и го нак'каме! ПЕПИ Да си ги собереме парталиве и дим да не нема... (Двајцата скокнуваат и си ги собираат алиштата, но таман да се фатат за кваката, од бањата излегува Кристина, во секси, црвено неглиже... Пепи и Димо, и покрај се, ја гледаат со воодушевување...) КРИСТИНА Париз. Диор. Галери Лафајет. Донче ми го донесе. Ганц нов. Неупотребен, досега. ПЕПИ А може ли по една пијачка, ми се исуши грлото... ДИМО Да до'ојме на себе. Кувет да фаан'ме... КРИСТИНА Може! Има шампањско во фрижидерот. (Пепи и Димо се затрчуваат кон вратата...) Стој! (Кристина им ги собира панталоните и се упатува кон бањата) За секоја сигурност. (Пепи и Димо се упатуваат кон кујната...) ДИМО Да го ебам, ка да оом вака на гаќи по џаито... Незгодно... ПЕПИ Да ги облечеме мантилите? ДИМО Ами ако не фане, некој од тиа џандаар'те... боси, на гаќи со мантили... "Дека бе манијаци?!" ПЕПИ Па, што сме запнале да бегаме... Сака-сака... да не и биде лошо... (Влегуваат во кујната. Во тоа време, во салонот влегува Александар, претпазливо и некако на прсти... Педантно дотеран, со букет цвеќе, разгледува низ станот... ја здогледува светлината што пробива од спалната соба, се упатува, возбуден одвај дишејќи... за тоа време од бањата излегува Кристина и со дезодоранс го намирисува креветот... и заводливо и секси се наместува, чекајќи ги Пепи и Димо... Тропање на вратата...) КРИСТИНА (Со заводлив глас.) Слободно... (Вратата претпазливо се отвора, се појавува прво букет со цвеќиња, Кристина се смее... а зад букетот се појавува главата на Александар, Кристина најнапред не разбира, но потоа се покрива и почнува да пишти... Пепи и Димо со трчање се упатуваат кон спалната... На вратата стои збунетиот Александар. Кристина покриена пишти...) САШО Госпоѓи, господа... не знам како да ви се извинам... ова е ужасно недоразбирање... ве молам, простете ми... мислев дека сум на четврти кат... КРИСТИНА (ѕирка од под покривачот) Па ова е четврти кат. САШО (се повеќе збунет) "Питу Гули" 47?! КРИСТИНА "Питу Гули" 47! (Сашо се врти кон разголените Димо и Пепи, не знае кому да му се обрати.) САШО Господине Карапопов, воопшто не очекував да Ве сретнам овде... извинете, Ве молам! ПЕПИ Јас не сум господин Карапопов... јас сум Пепи, Пецо молерот. ДИМО (веднаш се уфрлува) Јас сум Димитар Горчев. САШО (Сега се врти кон Кристина) Се извинувам госпоѓо Ѓорчева. КРИСТИНА Не, јас сум госпоѓа Карапопова! САШО (тотално избезумен...) А Вие сте... А... да... Госпоѓа Карапопова... (И одеднаш Сашо ги затвора очите, чучнува во јога положба и почнува да медитира... сега сите збунети го гледаат...) КРИСТИНА (се сетува) Александар! Сашо од Јога... (Сашо ги отвора очите...) Хороскопот Сашо! САШО (некако срамежливо) Ве молам, ме срамите... КРИСТИНА Заводник! САШО Молам?! КРИСТИНА Швалериште! САШО Немојте... (Ѕвоно на вратата. Општа паника. Димо се турнува под креветот... Пепи и Сашо рипнуваат во креветот и се покриваат преку глава... Кристина оди да земе некаква наметка... За тоа време Житан, подсоблечена, се упатува кон спалната соба, вратата е отворена... влегува на прсти и гледајќи дека во креветот има "нешто", нагло го повлекува покривачот и ги здогледува уплашените Сашо и Пепи, гушнати... бесна, го фрла покривачот и излегува од собата...) ЖИТАН Педеришта!! Срам да ви е... Сидаши. (На Пепи) Со тебе ни со потврд, ни со помек, не сакам појќе да разговарам!! (Сашо, навреден, се извлекува од креветот, држејќи го уште стутканиот букет цвеќе и се упатува кон бањата... Димо се измолкнува од под креветот.) ДИМО Малеее, воа ни во Кавадарци го нема... (за тоа време, Кристина во домашна облека оди и ја отвора влезната врата... Софи на вратата... дотерана... блеска...) КРИСТИНА Е, уште ти фалеше... СОФИ Зошто, нешто не е во ред?! КРИСТИНА Не, се е во ред... само што една страница од твоето прочуено љубовно писмо се најде во рацете на мажот ми и сега тој е убеден дека е за мене. СОФИ Одлично. КРИСТИНА Можеби за тебе... но Донче си отиде... ме напушти... Со мажот ти отидоа по женски... СОФИ Супер, барем ќе бидам мирна... Сашо дојде? КРИСТИНА Тука е некаде, низ станов... гледај да го фатиш и дим да ве нема... СОФИ Немој ма да си груба, пушти ме да се утешам... (се упатува кон спалната. Пепи и Димо на креветот, кога слушаат дека некој се приближува, се покриваат преку глава... Софи гледајќи го покриеното "нешто"...) Па тој ќе се угуши, кутриот... Саши Мишко... (го тргнува покривачот и се вади од памет кога ги здогледува прегрнатите и преплашени Пепи и Димо) Вие?! ПЕПИ И ДИМО Добровечер, госпоѓо Мукаетова... (Софи се врти кон Кристина и дури тогаш забележува дека и таа не е баш многу облечена...) СОФИ Аууу... па овде имало "утешение грешних"... сега ми е јасно зошто јас не смеев... (Од бањата влегува Сашо) САШО Софија! СОФИ Александар! По мене!! САШО Каде?! СОФИ Во хотел! САШО Што?! СОФИ Во "Бристол", кад је бал нек је бал... Нека пукне! (Земајќи го Сашо под рака, свечено излегуваат...) КРИСТИНА Боже господе, има ли крај ова?! (Влегува во бањата) ДИМО Ај да го ебам, штета! Баш може'ме да и го... ПЕПИ Не биди вулгарен. Облекувај се и да не нема... (Почнуваат да се облекуваат. За ова време во салонот, некако потиштено, влегува Донче. Ја гледа светлината во спалната соба и полека се приближува, се обидува да ѕирка низ клучалката, но во исто време се појавува Житан и кога го здогледува Донче натртен...) ЖИТАН Ѕиркаш? ДОНЧЕ (Изненаден, нагло се исправа и треснува со главата во кваката) Не, сакав само да ја подмачкам... ЖИТАН Подмачкај го и креветот. Двајца се, со твојата пижама... ДОНЧЕ В спална?! (Бесен јурнува во спалната, но во исто време Кристина, облечена ја отвора вратата и здогледувајќи го, инстинктивно му ја треснува. Донче застанува за миг, а потоа влегува во спалната. Димо и Пепи, "невино" седат на креветот...) Зошто ми ја тресна вратата?! КРИСТИНА Јас сум ти треснала врата?! Кога?! ДОНЧЕ (ги гледа двајацата на креветот) Готово?! ДИМО Ами ни така, каа ќе фаниме... тука трева не расте. ДОНЧЕ Дојдов предоцна... ПЕПИ Ако е за право, дојдовте прерано... ДОНЧЕ Се видов и чув! КРИСТИНА Што виде?! ДОНЧЕ Ништо, клучалаката беше затната... КРИСТИНА Ајдедоста!! ДОНЧЕ Кристина... извини... испаднав будала... признавам... извини... ракописот не е твој! КРИСТИНА Кој ракопис? ДОНЧЕ (и го покажува листот) Ти не пишуваш вака... ова "Ј" без точка горе... Па ова "ИГ без цртичка долу... КРИСТИНА (Се смее) Ти си... ти не си... ДОНЧЕ Зошто?! КРИСТИНА Кај бараш мој ракопис во туѓо писмо? ДОНЧЕ Туѓо писмо? КРИСТИНА Па нели е тоа писмо од "мојот љубовник"? Кај бараш во него мој ракопис? (Кристина му се доближува и му шепоти, Донче задоволен, но уште со неверица...) ДОНЧЕ Софи?! (Кристина потврдува со главата... Па се врти кон Пепи...) Извини... јас така... ПЕПИ Сега ми е јасна онаа сцена... испаднавме без вина - виновни... ДОНЧЕ Која сцена? ПЕПИ Онаа, со Влади, со чантата - врц-дрц... Димо, брат, да си одиме во незагадениот свет. (излегуваат во салонот, а таму ги дочекува Житан, која бесна тргнува...) Житан, мон амур, да ти објаснам... ЖИТАН Мерд!! Мон амур, да му кажиш на тој со букетот! ПЕПИ А мори, јас него ни го знам ни го познавам... само "Здраво-здраво" ЖИТАН "Здраво-здраво" и в кревет... Сидаш еден... (Тргнува во нејзината соба.) ПЕПИ Димо, брат, аман помагај. ИМО Немај гајле, јас ка ќе ја фанам има да ја еб... ПЕПИ Што ќе и правиш?! ДИМО Ќе ја расположам, ќе кажам еден виц... еј малее, да ви го кажам вицот... ДОНЧЕ Оди кажи и го на Житан, ќе ви избега... (Димо и Пепи одат во собата на Житан. Одеднаш, ѕвоно на вратата...) Кој ли е сега? КРИСТИНА Оди види! (Донче оди на вратата, Кристина влегува во салонот) ДОНЧЕ Кој е?! ЗОРА (Од надвор) Зора... ДОНЧЕ Кој?! ЗОРА Зора... Зора... ДОНЧЕ Момент... причекајте малку... Зора! КРИСТИНА Која Зора? ДОНЧЕ Зора, новата женска на Влади... Што да правам? КРИСТИНА Уште таа беше кусо. Гледај, откачи ја. (Кристина влегува во спалната. Донче зема некаква престилка, ја врзува на себе, ја отвора вратата...) ДОНЧЕ Повелете! (Влегува Зора, згодна млада жена, елегантно облечена, со темни очила.) ЗОРА Станот на Донче Карапопов? ДОНЧЕ Да! ЗОРА Влади...? ДОНЧЕ Не! ЗОРА Донче?! ДОНЧЕ Со жена му, на вечера! ЗОРА Аха... А Влади, се уште не е дојден? ДОНЧЕ Не! ЗОРА Ќе го причекам! (Влегува во салонот и седнува) А Вие... кој сте пак Вие? ДОНЧЕ Јас сум пак... Анастас... Танас, Тасе... беби систер систем... чувам деца... Им го чувам детето, додека господинот и госпоѓата се на вечера... ЗОРА А детето, овде е?! ДОНЧЕ Да, девојченце... во собана... гледа телевизија. ЗОРА Се надевам нема да ни пречи... може една пијачка? (Донче зема шампањ од бифето и тура во една чаша, но му претечува, се обидува да зачисти, некако несмасно, чашата паѓа и се крши. Зора срипува. Од спалната се појавува и Кристина. Донче веднаш се снаоѓа...) ДОНЧЕ Ова е Велика, сестрата на Донче Карапопов. Дојдена е на гости... Глува е кутрата! ЗОРА (Вика) Мило ми е, Зора Коцевска... КРИСТИНА Вие сте му пријателка на Донче мој? ЗОРА Не на Донче... (Вика уште посилно) Не на Донче! Јас сум му пријателка на Влади! На Владиии... КРИСТИНА На Дади? Кој Дади?! Оној глумецот... ДОНЧЕ И ЗОРА (Викаат) Не Дади. Влади! Влади Бездаров! На Донче другарот од порано... сега има фабрика... бутик... мода... манекенки... (Привлечена од викањето, се појавува Житан...) ДОНЧЕ А ова е ќеркичето на Донче и Кристина. ЗОРА Ова ... девојченце го чувате? Богами, треба добро да го чувате! ДОНЧЕ И треба. Не занаете какви се манијаци има... КРИСТИНА (Сега и таа вика како Зора да е глува) Од Прилеп е! Таму заврши средно балетско... ЗОРА Средно балетско во Прилеп?! ЖИТАН Да, данс ди вантр, тоа му иди како... (Сака да каже чочек...) ДОНЧЕ Дааа! А сега беше на пост дипломски студии во Париз. Ај кажи нешто на француски? ЖИТАН Же мапел Житан. Вулеву куше авек муа? ЗОРА Ех, колку е убав францускиот. Штета не го знам... ЖИТАН Шо вреди шо го знам. Каква мака сум тргала од него... (Донче и дава знак да престане) Ќе појдам до кај Пепи и Димо. Ескузе муа... (Излегува) ЗОРА Пепи и Димо, тоа се некои балетани?! ДОНЧЕ Не, тоа се кучињата на Карапопови... ЗОРА Кучиња! ДОНЧЕ Всушност, тие според педигрето, се викаат Перлинплин и Димостерес, ама ние си ги завикавме Пепи и Димо. ЗОРА Што раса се? КРИСТИНА (Вика) Пудлици француски... ДОНЧЕ Шарпланинци... ЗОРА Како пудлици-шарпланинци?! ДОНЧЕ Тоа е многу комплицирано... мешавина... нова раса. Шарлица, односно пудлинец. ЗОРА Многу сакам кучиња. Ако вашиве се окучат... ДОНЧЕ Имате среќа... Баш сега Пепи е бремена... мислам скучна... само тешко ги додржува... страда кутрата од спонатани абортуси... Затоа сега Житан бдее над Пепи. ЗОРА Ќе дозволите ли да ги видам? ДОНЧЕ Овој момент не се баш за гледање... имаат глисти... ЗОРА (Со гадење...) Глисти? ДОНЧЕ Да, и секаде ги сеат, сега им е сезоната... ние секој трет ден одиме на контрола... (Зора ја изгаснува недопушената цигара и тргнува да си оди.) ЗОРА Драго ми беше... ДОНЧЕ Болви немаат, по некој крлеж... Да ви задржиме едно кученце од Пепи? (Зора, со гадење, одмавнува со главата... Се отвора вратата и во салонот влегува Влади... кога ја здогледува Зора, се чувствува незгодно, не знае како да реагира...) ВЛАДИ Донче, изви... ДОНЧЕ Господине, господинот Донче не е дома, на вечера е со претседателот. ВЛАДИ (Се врти кон Кристина) Кристина... ДОНЧЕ Погласно, ништо не слуша кутрата! Глува е како топ... сестра му е на Донче! ВЛАДИ (Гледа дека ситуацијата е сосема исчашена) Ништо, тогаш друг пат ќе наминам... поздрави го... Ќе појдеме на друго место... КРИСТИНА Во "Бристол"! ВЛАДИ А зошто да не. И "Бристол" е за луѓе! (Влади со Зора тргнува да си оди, но во тој миг на вратата се судрува со Тинче, сестрата близначка на Димо, влегува бучно) ТИНЧЕ (многу возбудена) Добровечер на сите. Ја многу се извинуам... Господине Донче. ВЛАДИ Ова не е Донче, ова му е братот близнак... Донче е на вечера со жена му. Ова е Крсте... (Донче и Зора збунето го погледнуваат) ЗОРА Како, зар не сте Вие Анастас, Танас, Таше... ДОНЧЕ Официјално сум Крсте, ова Таше повеќе е за пријатели... ТИНЧЕ (се врти кон Кристина) Невозможно колку си личат. Госпожа... ЗОРА Тоа е Велика, Сестрата на Донче... само, глува е како топ. ТИНЧЕ Ех, шо да правам сега... Ја дојдо да го поканам Дончето на свадба. Собрани сме едно така фино друштво, ја тука у хотелот... а ја Дончето го обожувам... на времето беше заречена дека него ќе му го подарам цветчето... КРИСТИНА Какво цветче?! ТИНЧЕ На мојата младост... ама, после друго беше... и они сега ми викат, не сум можела Дончето да го доведам ... Не пеел веќе по свадби... КРИСТИНА (тивко, на Донче) Оваа неверојатно личи на... ТИНЧЕ Инаку, ја сум сестра На Димо Ѓорчев, селјанчето шо го викат... Значи Дончето не е овде... Штета... Ја ќе се врнам у хотело... (се врти кон Влади) Е да, таму ја сретнав жена Ви... таа ми кажа дека Дончето е овде... ВЛАДИ Ухотело...?! ТИНЧЕ Па во "Бристол"! ВЛАДИ Софи е на концерт... руска фил... Чија жена? ТИНЧЕ Вашата, многу фина жена, запозна ме и со братучедо... ВЛАДИ Каков братучед? ТИНЧЕ Па со Перо! ДОНЧЕ Перо од Неготино... еден така црн... ТИНЧЕ Не! Со вујче Перо! ВЛАДИ Како, вујче Перо, па тој е на умирање?! ТИНЧЕ Е ваа... шо кажуваш... овој беше здрав, прав и распашан. Со трчаничката се качија во собата. И скинаа од смеење..... (И, ова може да продолжи до бескрај, но сепак крај.) (гужва,музика,крај... отворено.) Коле Ангеловски Миле Попоски